Швајцарскиот фармацевтски гигант „Рош“ објави денеска дека ќе инвестира 50 милијарди долари во САД во следните пет години, истакнувајќи дека неговата цел е фармацевтскиот извоз да го надмине увозот.
Компанијата ќе отвори 1.000 работни места во нови и проширени капацитети, а дополнителни 11.000 ќе бидат отворени во градежништвото и помошни работни места за нови производствени капацитети.
– Рош во САД вработува 25.000 работници во 13 производствени капацитети и 15 центри за истражување и развој, а инвестицијата потврдува дека САД му се важни – изјави извршниот директор Томас Шинекер.
Кога ќе почнат да работат новите и проширени производствени капацитети, „Рош“ ќе извезува повеќе лекови од САД отколку што моментално увезува на американскиот пазар, нагласуваат од швајцарската компанија.
Со инвестицијата, „Рош“ ќе ги прошири производствените и дистрибутивните центри во Кентаки, Индијана, Њу Џерси и Калифорнија.
Во Пенсилванија ќе градат нов објект за производство на генски терапии, а во Индијана фабрика за решенија за континуирано следење на концентрацијата на гликоза во крвта.
Компанијата, исто така, ќе изгради нова фабрика за производство на лекови за слабеење и ќе формира центар за кардиоваскуларни, бубрежни и метаболички истражувања во Масачусетс.
Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела отвори истрага за увоз на лекови, истакнувајќи дека нејзината цел е да го поттикне домашното производство.
Минатата година САД увезле фармацевтски производи во вредност од речиси 213 милијарди долари, три пати повеќе отколку во 2014 година, покажуваат трговските податоци на Обединетите нации.