Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, разговарал со претседателот на САД, Доналд Трамп, но не е познато дали разговарале за прекин на американската помош за Украина, соопшти денеска портпаролот на Стармер.
Британските медиуми пренесуваат дека двајцата лидери телефонскиот разговор го реализирале синоќа, а портпаролот изјави дека двете земји имаат иста цел, односно безбеден и траен мир во Украина.
Претходно денеска, откако Трамп ја суспендираше воената помош за Киев, Стармер рече дека Обединетото Кралство останува посветено на обезбедувањето траен мир.
„Остануваме апсолутно посветени на обезбедување траен мир во Украина и работиме со клучните сојузници за да ги поддржиме овие напори. Тоа е правилна работа и во наш интерес е да го сториме тоа“, се наведува во соопштението на портпаролот на британската Влада.
Трамп нареди да се прекине воената помош за Украина по вербалната расправија меѓу него и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во петокот во Овалната соба. Извори наведуваат дека помошта ќе остане суспендирана сѐ додека „Трамп не биде сигурен дека Зеленски е подготвен да започне мировни преговори“.