Во денешно време се соочуваме со поинакви предизвици, но со подеднакво значење за иднината на нашата држава и народ. Како претседател на Владата, свесен сум за секој еден од нив, и покрај сите нив, еден од најважните е битката за стандардот и подобриот живот. Тоа е она што го бара и што му е потребно на народот. И битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди, и затоа таа наша цел, и покрај сите удари и пречки, остана патот што сакаме да го изодиме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 23 Октомври, денот на македонската револуционерна борба.
– И овој пат е наше природно право, и иако многу пати откажувањата што ги направивме не беа достоинствени, не беа фер, народот со разочарување и со кнедла во грлото ги прифаќаше. Не е едно, не се две, туку тоа полека станува непринципиелен начин на однесување – рече Мицкоски.
Во контекст на последните барања, кои што се наша пречка, а тоа се уставните измени, главното прашање што се наметнува е: што добиваме ние од тоа, и дали конечно е ова крајот, рече премиерот.
– И дали е фер? Секој наш следен потег мора да биде низ призмата на одговорот на овие прашања и заштитата и обезбедување, прво на гаранции дека ова ќе биде последното, и дека ќе добиеме нешто опипливо и предвидливо – важно за државата и граѓаните, а потоа и нашиот источен сосед да покаже европски вредности и на ист начин да одговори за македонската заедница во Бугарија – потенцира Мицкоски.
Затоа што нашата определба за Европската Унија ја докажавме преку многу одрекувања, многу жртви, дури и по цена на сопствена штета, додаде тој, и никој нема право да каже дека не дадовме жртва и не плативме прескапа цена за она што го сакаме – членка на Европската Унија.
– Но, како и во историјата, така и денес, секогаш ќе има луѓе и страни кои се подготвени да дадат повеќе, да прифатат повеќе. Во таа смисла, нашата опозиција е подготвена да прифати многу повеќе, но и да отстапи и да даде многу повеќе. Затоа што таквата трговија со нашето, со заедничкото, за нив претставува картата со која сакаат да дојдат и да останат во политичкиот живот, не размислувајќи за штетата што ја прават, не само на себе, туку и на целата држава и сите идни поколенија. Јас сум беспрекорно свесен дека во остварувањето на таквите намери единствена пречка е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Но, таа улога мораме свесно да ја носиме на плеќи заради нашиот народ, нашата татковина – дека никогаш нема да попуштаме кога се во прашање интересите за нашиот македонски идентитет и нашата држава Македонија – категоричен е Мицкоски.
Замислете ситуација да настапуваме единствено, а опозицијата да е таа што ќе нè притиска и храбри да ги чуваме црвените линии, околу кои нема да се создаваат облаци и прашини за куферчиња, поклони за источниот сосед и приказни за бизниси какви има сега, додаде тој.
– А, токму таквото нивно досегашно однесување ги закотви и ги закова на третото, четвртото место по поддршка, станувајќи спореден играч на политичката сцена овде дома, кај нас – рече премиерот Мицкоски во своето обраќање.