Белгискиот премиер Барт де Вевер го запрел планот на Европската унија за користење на замрзнатиот руски имот во Европската Унија при што со парите би бил одобрен заем од 140 милијарди евра за Украина.
Причината, според дипломатски извори, е стравот дека рускиот претседател Владимир Путин би возвратил со воен напад директно на белгиска територија, каде што се чува дел од имотот, јави Јутарњи лист.
– Ако Русија навистина ги побара парите (од имотот назад) од која било причина… готовината треба веднаш да биде таму – рече Де Вевер, додавајќи дека „довербата во целиот финансиски систем на Европа“ би бил под знак прашалник.
Кој ќе ја даде таа гаранција, прашува белгискиот премиер.
– Ги прашав моите колеги: „Дали сте вие? Дали се земјите-членки?“… На ова прашање не беше одговорено со цунами од ентузијазам околу масата.
Лидерите на европските земји го одложија прашањето за следниот самит откако не успеаја да го уверат белгискиот премиер дека неговата земја нема да биде одговорна. Планот е Европска Комисија ќе предложи конкретни механизми во декември.
Вкупната вредност на замрзнатиот руски имот во ЕУ надминува 200 милијарди евра, од кои околу 140 милијарди, според идејата, би биле користени за заем за Украина, но не со директна конфискација, туку како колатерал.
Засега одлуката е блокирана. Ова, како што пишува „Политико“, неочекувано вето, предизвика шок низ европските институции. Додека тимот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен уверуваше дека постои решение, Белгија ја повлече рачната кочница.
– Ова е хаос. Не требаше вака да се одвиваат работите – изјави дипломат за „Политико“.
Белгискиот отпор ја натера Унијата повторно да го разгледа прашањето како да ја поддржи Украина без нови финансиски инструменти. Пред самитот, меѓу сојузниците на Киев владееше оптимизам, особено по усвојувањето на 19-тиот пакет санкции против Русија насочен кон т.н. „флота во сенка“ и кон банкарскиот и енергетскиот сектор.
Сепак, промената дојде веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе дополнителни санкции кон руските нафтени гиганти, што го засили дипломатскиот притисок врз Москва.
Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека идејата за користење на рускиот имот не е напуштена.
– Планот не е закопан, треба да разговараме за техничките детали. Мораме да делуваме внимателно, бидејќи не смееме да го прекршиме меѓународното право – рече Макрон.
Од друга страна, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта му најавил на украинскиот претседател дека денеска ќе се донесе одлука за двегодишно финансирање на потребите на Украина, како порака до Кремљ дека Европската унија останува обединета.
Фото: EPA/OLIVIER HOSLET




























