Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, на денешната средба со германскиот канцелар, Олаф Шолц, во Берлин, упати апел за пообединета Европа, посветена на посилна одбрана.
– Потребна ни е посилна и порешителна Европа која сѐ повеќе ќе стои сама за себе, способна да ги брани и да ги промовира Европа и европските интереси. Останува на Европа да ја дефинира иднината на нашиот континент и мислам дека треба да преземеме поголема одговорност за сопствената безбедност, за зајакнувањето на нашата одбранбена индустрија, а и да ја зголемиме нашата поддршка за Украина, да се спротивставиме на руското и на кинеското влијание, да инвестираме во нови технологии, да ги зголемиме нашата конкурентност и нашата економска сигурност – наведе Фредериксен.
Шолц истакна дека ги осудува сите територијални експанзионистички амбиции.
– Неповредливоста на границите е основен принцип на меѓународното право. Принципот мора да важи за сите – истакна Шолц.
Ниту Фредериксен ниту Шолц не ги спомнаа територијалните барања на американскиот претседател, Доналд Трамп, за преземање на контролата врз огромната ретко населена и главно автономна данска територија, Гренланд.