Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ жестоко реагираше по упадот на лица со црни качулки на „Деновите на српската култура“ во Сплит кои извикуваа „За дом спремни“.
– Тоа е казниво дело и за тоа треба да се одговара. Меѓу нив има и „вуцибатини“ на мои години, тоа треба да се лоцира, изручи и да им се пресуди. ХДЗ-овците знаат како се прави тоа – изјави Милановиќ.
Шефот на Хрватска нагласи дека нападот бил насочен кон жени и деца кои мирно се собирале, потсетувајќи дека само пред 2 месеца присуствувал на спортска манифестација во Сплит, каде, како што рекол, „никој не трепнал кога министер од Владата на Вучиќ стоел крај него“, пишува Слободна Далмација.
Меѓутоа, според Милановиќ, тие што сега нападнале, „не биле подготвени тогаш, туку чекале сега – кога ќе нема кој да се брани“.
Милановиќ истакна и дека ваквите напади не смеат да станат нормалност во општеството што се стреми кон „живот без страв“.
Хрватскиот претседател го коментираше и случајот со организирањето на тркалезната маса посветена на логорот Јасеновац во хрватското Собрание, нарекувајќи го настанот „срамна шега“, поточно со терминот „спрдачина“.
Тој изјавил дека чувствува гадење и кон оние што ги преувеличуваат бројките на жртвите во Јасеновац, и кон оние што, како што вели, се обидуваат да ја избришат трагедијата.



























