Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување и лидер на партијата Демократски сили на Ромите, Шабан Салиу, денеска јавно изјави дека не чувствува никаква одговорност за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На новинарско прашање за неговата инволвираност во случајот, како поранешен функционер кој е опфатен со истрагата, Салиу одговори: „Апсолутно не чувствувам одговорност. Верувам во нашата држава, во системот и правосудните органи. Ќе ги разгледаат сите аргументи и посебности на случајот.“
Салиу истакна дека има богато искуство во правото и политиката.
– Јас сум правник, доктор по политички и правни науки, поранешен адвокат и човек кој работел во судови. Со срце и душа тврдам дека немам вина. Оставам на совеста на државата да одлучи – рече поранешниот директор на ДСЗ.
Во врска со истрагата, тој нагласи дека ја почитува презумпцијата на невиност.
– Се додека не се докаже вина, секој е невин. Така треба да биде – рече Салиу.