Сериозна сообраќајна несреќа се случи во неделата попладне во Скопје, кога 60-годишнен скопјанец во алкохолизирана состојба со над 3 промили алкохол изгубил контрола над возилото и се судрил со друго патничко возило.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 6 јули 2025 година, околу 16:00 часот, на крстосницата меѓу булеварите Србија, Трета Македонска бригада и 12 Македонска бригада, се случил судир помеѓу два автомобила – „цитроен“ управуван од 60-годишниот И.К. од Скопје и „опел антара“ со кој управувал 23-годишниот Ф.К., исто така од Скопје.
Во судирот најтешко поминал токму И.К., кој се здобил со тешки телесни повреди и е хоспитализиран. Со полесни повреди се здобиле и Ф.К. и неговиот сопатник, 19-годишниот П.Б. од Скопје. Повредените биле пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
По извршен увид од страна на екипа од СВР Скопје и по наредба на јавен обвинител, во 18:30 часот И.К. бил лишен од слобода. Медицинските испитувања покажале дека тој возел со 3,08 промили алкохол во крвта – концентрација која далеку ја надминува дозволената граница и укажува на сериозна алкохолизирана состојба.
Од Министерството информираат дека против И.К. ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување сообраќајна несреќа под дејство на алкохол.