Лекарите предупредуваат дека обезноста е сериозна комплексна хронична болест која доколку не се препознае навреме, може да доведе до појава на околу 200 други хронични болести. На денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на дебелината, на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, беше кажано дека годишно, на светско ниво умираат дури 5 милиони луѓе од компликации од обезност.
Кај нас, околу 30-35 отсто од луѓето имаат проблем со обезност, а во светот – 1 милијарда. Министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференцијата излезе со податок дека, според проекциите, за 10 години оваа бројка ќе порасне за 50%, и тоа, не само во развиените држави, туку и во државите во развој како што сме ние.
– Во Македонија веќе имаме два центри за третман на обезноста, еден во Клиниката за рамки на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички заболувања и еден во Градската општа болница „8 Септември“, а во најава е и отварање на центар за третман на обезноста во Прилеп, како и во другите клинички болници низ земјава – рече министерот.
Освен ова, беше најавено и дека 40 пациенти со дебелина ќе може да се оперираат преку Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) на Клиниката за дигестивна хирургија.
Според министерот за здравство Арбен Таравари, ќе можат да се оперираат пациенти ако се обезни и имаат индикација за операција. Пациентите ќе бидат регрутирани преку двата Центри за обезност, кои се наоѓаат во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и на Клиниката за ендокринологија.
Според дирекорот на Ендокринологија, д-р Танер Хасан, за првпат, оние пациенти кај кои не е доволна фармаколошката терапија, ќе можат да бидат оперирани во Македонија, наместо да одат во странство.
„Во денешно време, сѐ повеќе хирургијата станува една крајна инстанца и ексклузивитет. Од тие 40 пациенти, имаме 30 кои би биле за хируршко лекување и 10 за експандирачка капсула. На крајот на месецов или следниот, веќе би можел да најавам дека би почнале првите интервенции. Пациентите ќе бидат регрутирани преку центрите за дебелина, тоа се оние пациенти кои се рефрактерни на конзервативниот третман. Ние веќе го имаме формирано мултицисциплинарниот тим во соработка со Клиниката за ендокринологија и Клиниката за гастроентерохепатологија. За нив е обезбедена и психолошка поддршка“, кажа директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски.
Претседателот на здружението за обезност кое постои две години, д-р Ирфан Ахмети порача дека треба да сфатиме дека дебелината е хронична болест која има многу компликации и може да доведе до многу други хронични и незаразни болести, како што се срцеви заболувања, дијабетес, рак.
Околу 215 милиони луѓе во светот имаат дијабет поради обезност, потоа срцеви заболувања, преку 200 милиони луѓе имаат висок притисок поради дебелината, околу пет милиони луѓе умираат поради обезност, 100.000 годишно умираат поради канцер, а причина е обезноста. Затоа е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман, рече д-р Ахмети.
Тој додаде дека, најдебелиот пациент кој бил третиран во Центарот за справување и третман на обезност на Универзитетската клиника за ендокринологија во Скопје имал 288 килограми.
Според Ахмети, особено е голема загриженоста за обезноста кај децата. Се прават големи напори да се отвори центар за менаџирање на обезноста на детската клиника.
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека 30,4% од децата на возраст од 6 до 9 години живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8% живеат со дебелина, а 4,4% со екстремна дебелина. Меѓутоа, сметаат оттаму, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни.
„На Светскиот ден на дебелината 2025 година, време е да се обединиме за промена на системите кои ја поддржуваат оваа здравствена криза. Време да ја поразиме т.н. „обезогена средина“, апелираат и од ИЈЗ.
Дебелината не е само проблем за поединците. Таа е последица на неуспешни системи во различни области: системи за храна, урбано планирање, пазарот на труд, економијата и здравствените системи. Проблемот со дебелината не произлегува само од лошите избори, туку и од системите кои ја поттикнуваат нездравата исхрана, слабата физичка активност и неадекватната здравствена грижа.
Во Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Ги повикуваме сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики, велат од ИЈЗ.
Според нив, решавањето на проблемот со дебелината бара поширок и посуштински пристап. „Потребно е да работиме на промената на системите за храна преку воведување ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината.
Фискални политики, како што се даноците на засладени пијалаци и забраните за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе можат да прават информирани избори за своето здравје.
Истовремено, здравствениот систем треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети. Ова подразбира пристап до примарни, секундарни и терциерни услуги за луѓето со дебелина, како и редовно следење на факторите на ризик и спроведување на превентивни мерки“.
На Светскиот ден на дебелината, ИЈЗ ги повикува донесувачите на одлуки да дејствуваат брзо и ефективно за промената на системите кои ја предизвикуваат оваа здравствена и општествена криза. Без комплексен и системски пристап, проблемот со дебелината ќе продолжи да расте, создавајќи огромен товар на здравствениот систем и општеството.