Седумкатна станбена зграда се урна денеска изутрина во турскиот град Гебзе, во провинцијата Коџали, при што под урнатините останаа заробени најмалку седум станари, меѓу нив едно петчлено семејство.
Несреќата се случила околу 7:30 часот, по локално време, а засега не се познати точните причини за уривањето на зградата.
Спасувачките екипи се на терен и се обидуваат да ги извлечат преживеаните, јавија локалните медиуми.
На местото на настанот веднаш пристигнале полициски, противпожарни и медицински екипи, кои започнале со интензивни операции за пребарување и спасување. Спасувачите наводно ги слушнале гласовите на заробените луѓе, поради што продолжуваат со операцијата.
Урнатата градба е опишана како шесткатна или седумкатна станбена зграда. Детали за нејзината старост или состојба пред уривањето не се објавени. Властите најавија дека ќе спроведат детална истрага за да се утврдат причините.



























