Топ Вести - Слушај сега
Блискиот Исток, последните години, стана важна локација за изградба на центри за податоци потребни за развој и дистрибуција на софтвер за вештачка интелигенција. Заедно со Амазон, Гугл, Мајкрософт, ОпенАИ и други американски компании инвестираа во регионот, привлечени од растечките економии и поволните дигитални врски со Африка и Европа. Сето тоа е поддржано од владите во Заливот, но и од администрацијата на Доналд Трамп.
Но, војната на САД и Израел со Иран покажа колку се ранливи ваквите инвестиции. Ирански напад со беспилотни летала на почетокот на март ги оштети центрите за податоци на Амазон во Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, оставајќи многу компании без пристап до дигиталните услуги на кои се потпираат. Нападите веќе имаа конкретни последици за компаниите што ја користат облачната инфраструктура на Амазон.
Иран оваа недела се заканува со пошироки напади врз „непријателската технолошка инфраструктура“ на 7 американски компании: Amazon, Microsoft, Google, Palantir, Nvidia, IBM и Oracle што дополнително ги загрозуваат овие инвестиции во регионот.
Нападите врз технолошката инфраструктура, исто така, покажуваат како големите американски технолошки компании станаа клучни играчи во геополитичките конфликти.
Војната би можела да има пошироки последици за технолошкиот сектор, бидејќи се очекуваат нарушувања во синџирите на снабдување, зголемување на цените на природниот гас, кој ги напојува центрите за податоци, и зголемување на цените на суровините како што се пластиката и алуминиумот, потребни за производство на електронски компоненти.
Дополнителен проблем за компаниите е и тоа што немаат осигурителна поддршка, но и затворањето на Ормускиот теснец и запирањето на трговијата во тој дел од светот.
„Вистинското оружје не е дронот, туку откажувањата на осигурувањето, пренасочените танкери и инвеститорите кои ги ставаат проектите на чекање“, според неодамнешниот извештај на тинк-тенкот „Стратеџи интернешнл“.
Случувањата покажаа и дека американските технолошки компании во голема мера ги потценија геополитичките ризици од градење критична инфраструктура во еден од политички најнапнатите региони во светот.
Според истражувачката фирма IDC, вкупните трошоци за потрошувачка и деловна технологија на Блискиот Исток минатата година достигнале околу 65 милијарди долари, во споредба со 36 милијарди долари во 2020 година, а трошоците за технологии за центри за податоци и услуги во облак се зголемиле минатата година за 75 проценти, на 895 милиони долари.
Долгорочното влијание на конфликтот ќе зависи и од неговиот исход. Доколку војната доведе до промена во иранското раководство кое ќе заземе помалку непријателски став кон САД и Израел, може да резултира со стабилизација и нови инвестиции.
Доколку сегашната влада остане, но ослабена, постои ризик од долгорочни тензии и повремени прекини што повторно не е добро за компаниите.
Ранливоста на технолошкиот сектор е видлива и во други делови од светот. Кина контролира голем дел од глобалното производство на хардвер, додека повеќето напредни чипови се произведуваат во тајванскиот TSMC, остров кој го смета за своја територија. Голем дел од светското производство на мемориски чипови доаѓа од Јужна Кореја, а нејзините индустриски капацитети се наоѓаат релативно блиску до границата со Северна Кореја.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
