Состојбата со пожарите на територијата на Македонија е алармантна. Заклучно со утрово, во периодот од 24 до 25 јули, регистрирани се вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои 7 се активни, уште 7 се под контрола, а 19 се изгаснати, соопштуваат од Центарот за управување со кризи.
Најопасните жаришта и понатаму се борат со огнената стихија. Во општините Василево, Радовиш и Берово, гори обемен предел на планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде се зафатени нискостеблести шуми, смрека и густа ниска вегетација. Исто така, огнот не стивнува кај селото Бешиште во Прилеп, каде што се шири кон село Градешница, опфаќајќи мешана шума и ризичен терен.
Во Македонски Брод, пожарот околу селото Црешнево зафати ниска вегетација, а истата ситуација се повторува и во Штип каде кај селата Драгоево и Селце гори прнар, нискостеблеста шума и сува трева. Дополнителни активни жаришта се регистрирани и во Кочани (кај село Нивичани), Карбинци (Јунузлија) и во општина Зелениково (село Гумалево), каде пламените јазици зафаќаат шуми и пасишта.
Сепак, дел од пожарите се веќе ставени под контрола, иако и таму ситуацијата бара будно следење. Таков е случајот со пожарот меѓу селата Царевиќ и Смолани во Прилеп, каде што гореше мешана шума. Под контрола е и огнот кај селото Латово во Македонски Брод, како и неколку жаришта во околината, вклучувајќи го и оној помеѓу Локвица и Крапа.
На терен активно дејствуваат и екипите од Ресен, каде кај селото Долно Перово беше запален простор со трска и ниска вегетација. Од огнот беа загрозени и предели во Желино, каде меѓу селата Церово и Групчин се прошири пожарот низ деградирана шума.
Во позитивната колона се наоѓаат деветнаесет изгаснати пожари, кои беа регистрирани во последните 24 часа. Меѓу нив, пожари гореа и во самиот главен град во Шуто Оризари, Гази Баба, Аеродром и Студеничани, каде најчесто се работело за запалено ѓубре или ниска вегетација. Значаен дел од нив се случиле и на диви депонии, како онаа во населбата Тризла во Прилеп и во Дрисла кај Скопје.
Во Куманово беа активни три пожари, сите поврзани со запалена сува трева, додека во Радовиш, Гостивар и Зелениково беа изгаснати пожари во ниска вегетација. Пожарот во Сопиште зафатил и напуштен објект, а благодарение на брзата интервенција на пожарникарите не е дозволено да се прошири.
Надлежните апелираат до граѓаните да се воздржат од активности што можат да предизвикаат нови пожари, особено палење стрништа, отпад или користење отворен оган во природа. Од ЦУК и натаму ја следат состојбата на терен со зголемено внимание, имајќи предвид нестабилните временски услови и ризикот од нови пожари.