Сè уште не е одлучено дали правичната застапеност на припадниците на сите етнички заедници при вработувањата во државната администрација ќе се регулира со целосно ново законско решение или тоа ќе се уреди во рамките на постојните законски решенија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Се работи на ова законско решение. Сè уште има внатрешна дебата дали ќе биде ново законско решение или во рамките на постојните законски решенија, посебно во делот на Агенцијата за државни службеници, поради уставноста. Да не се доведеме повторно во ситуација да донесеме имплант којшто потоа ќе треба да го исфрлиме, како што се случи поради политики на друга политичка партија, која што 22 години ги лажеше своите гласачи со ваков тип на импланти – рече премиерот.
Мицкоски потенцира дека оваа Влада сака да понуди вистинско решение.
– Ние сакаме тоа што ќе го направиме да биде трајно и да понудиме вистинско решение. И откако ќе го завршиме текстот, ако биде нов закон, или ако тој нов закон се повикува на некој друг закон, ќе биде објавен во јавноста и ќе биде пратен во Венецијанската комисија на мислење. За да не ни се случуваат вакви импланти потоа да стануваат политичка тема, бидејќи очигледно дека поедини политички партии со вакви импланти ги лажеа граѓаните 22 години, за да можат да го зголемуваат контото лично, да го зголемуваат својот имот и богатство. Тие ја претвараат оваа тема од чисто практична, во политичка тема – рече премиерот Мицкоски.
Уставниот суд на седница на 9 октомври лани донесе одлука за укинување на алатката „балансер“, според која се вршеше вработување според национална припадност во државните институции. Уставниот суд како неуставни ги укина одредби од законите за вработувањето во јавиот сектор и за јавна администрација, во кои се споменуваше терминот „правична застапеност“, затоа што со нив се повредуваат уставните одредби за слобода на изразување на националната припадност, за достапноста на работните место, како и забраната за дискриминација.