Луѓето во Србија собираат пари за единствената преживеана од трагедијата во Нови Сад, Теодора Мартинко, млада мајка и студенка по уривањето на бетонската натстрешница на железничката станица, јави српска Нова.
Парите не се наменети за нејзино лекување, за кое веќе платила државата Србија, туку се средства што ќе ѝ требаат понатаму бидејќи нема да може да работи, а има и дете, објасни Стефан Миливојевиќ од хуманитарната организација „Нови живот“.
Од денот кога бетонската настрешница уривајќи се усмрти 16 луѓе, меѓу кои и две деца, Теодора, студентка по медицина и мајка на мало девојче, се бори со последиците. Двете нозе и дел од карлицата ѝ биле ампутирани, а 6 месеци била во животна опасност.
– Во декември 2024 година стапивме во контакт со семејствата на Теодора и Вукашин. И двајцата се согласија да започнеме хуманитарна кампања. За жал, Вукашин почина, па целата сума ќе ѝ припадне на Теодора – додаде тој.
Организацијата потврди дека веќе се собрани речиси 2 милиони динари, од кои 1 милион бил првично наменет за Вукашин Црнчевиќ, кој подоцна починал на Воено-медицинската академија ВМА во Белград поради компликации од повредите.
„Средствата ќе ѝ бидат префрлени на Теодора. Таа може да ги користи како што сака, за количка, трошоци, потреби за детето. Луѓето беа неверојатно дарежливи, а сѐ започна со разговор меѓу пријатели“, стои во соопштението на организацијата.
Најтрогателен бил моментот кога, веднаш по несреќата, Теодора, извлечена од под урнатините, им кажала на спасувачите:
– Кажете ѝ на ќерка ми дека нејзината мајка многу ја сака.