Независниот кандидат за градоначалник на Општина Могила, Сашо Пивковски, денеска објави дека се повлекува од изборната трка, со што стана јасно дека во вториот круг нема да има гласање, а нов градоначалник ќе биде Драганчо Саботковски од коалицијата „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Во првиот изборен круг, одржан на 18 октомври, Саботковски освои 1.662 гласа, додека Пивковски доби 1.253.
Пивковски во својата изјава посочи дека одлуката не била лесна, но е донесена по „внимателно размислување и разговори со граѓаните“.
– Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент, во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа. Политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите – изјави Пивковски.
Тој нагласи дека останува лојален на ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека „вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш кога треба достоинствено да застанеш на страна“.
– Свесен сум дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и со чувство на одговорност. Ќе продолжам да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба – додаде тој.
Со оваа одлука, втор круг во Могила нема да се одржи, а Саботковски ќе ја преземе функцијата градоначалник на општината.



























