Независниот десничарски кандидат Калин Георгеску, чија кандидатура за претседателските избори ја отфрли романската Централна изборна комисија (ЦИК), денеска изјави дека Романија е „под тиранија“ и дека во „Европа владее диктатура“.
„Уште еден директен удар во срцето на демократијата ширум светот! Ми остана само една порака: ако падне демократијата во Романија, ќе падне и целиот демократски свет. Ова е само почеток. Толку е едноставно! Европа сега е диктатура, Романија е под тиранија“, напиша Георгеску на социјалните мрежи.
Во Букурешт во неделата илјадници луѓе демонстрираа во поддршка на Георгеску. Полицијата фрли солзавец за да се справи со демонстрантите кои фрлаа шишиња, камења и петарди кон Централната изборна комисија на Романија.
Георгеску ужива популарност во земјата и победи во првиот круг од претседателските избори лани, кои потоа беа поништени поради наводно руско мешање во финансирањето на предизборната кампања на Тик-ток на конзервативниот кандидат.