Дали зелениот картон ќе поевтини? Граѓаните и превозниците се за намалување на неговата цена, а нивното мислење го дели и опозицијата која подготвува измени на Закон за задолжително осигурување во сообраќајот, додека владата засега не размислува на оваа тема.
Осигурителната индустрија чека да биде прашана доколку се носат некакви измени на законот.
Граѓаните веќе неколку години негодуваат дека плаќаат висок износ за зелениот картон кој сопствениците на возила треба да го имаат ако патуваат во странство со оглед дека дел од неговиот износ е содржан во осигурувањето за автоодговорност.
– Редно е и кај нас овој документ да поевтини или да се укине како што тоа е направено секаде. Јас би предложил и овој документ да се вади и за 3 или 6 месеци, бидејќи дел од граѓаните не одат во странство само на одмор, туку и поради други обврски – вели граѓанин кој го анкетиравме.
Друг пак, не се согласува зелениот картон да биде дел од задолжителното осигурување на возилата.
– Не е добро да се спојат зелениот картон и осигурувањето како што се предлагаше во минатото, бидејќи ќе поскапи осигурувањето, а ќе плаќаат зелен картон и оние кои никогаш не возат надвор од земјата, но намалување на цената на зелениот картон треба да има бидејќи осигурителните компании пресметуваат висока премија, а граѓаните како крајни потрошувачи секогаш плаќаат повеќе – вели тој.
И превозниците се за намалување на цената на зелениот картон.
– Тоа се директни трошоци во работењето на овие компании што пак влијае и на цената на транспортот и потоа на вкупните цени на увезените производи. Ако се знае дека голем број превозни компании поседуваат поголем број на камиони и приколки намалувањето на овој трошок би бил значителна заштеда за нив – вели Билјана Муратовска од „Макам транс“.
Според одделни пресметки цената на зелениот картон би можела да се намали за 15 до 20%, бидејќи дел е веќе платен во задолжителното осигурување од автоодговорност.
Неодамна опозициската СДСМ соопшти дека подготвува измени на законот со кои ќе се овозможи намалување на цената на зелениот картон, кои ќе ги достават во собранието. Од партијата меѓутоа не кажаа како се планира тоа да се постигне.
Според партијата 70% од сопствениците на возила во текот на една година вадат зелен картон, а трошокот кој граѓаните го плаќаат изнесува помеѓу 9 и 10 милиони евра.
„Ова ќе биде директна помош за сите кои користат автомобили, бидејќи тој трошок ќе се намали и тоа значително, а тие средства ќе останат во семејниот буџет за друга намена. Решението го има во речиси секоја држава од соседството. А што е најважно, цената на чинење се движи околу 20% од цената којашто е кај нас. Односно оној трошок за годишна зелена карта би се намалил за околу 80 отсто. При самата регистрација на возилото да го има овој трошок за сите кој сметаме дека е незначителен, и го добива секој корисник“, наведоа при најавата на законското решение од СДСМ.
Од Владата не добивме одговор дали се размислува за некакви измени на законот со кој ќе се намали цената на зелениот картон или целосно ќе се укине.
Од осигурителните компании засега не ги коментираат најавите за поевтинување на зелениот картон, но велат дека доколку има некакви законски измени очекуваат да бидат консултирани.
Според извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во првите шест месеци од 2024 година, секое трето осигурено возило имало и зелен картон.
Во првите шест месеци сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 117.000 зелени карти. Бројот на издадени зелени карти лани е за нијанса, односно за 2 отсто, помал од бројот на издадени зелени карти во истиот период од 2023 година.
Но од друга страна, вложувањата во зелена карта биле за 4,5% повисоки од 2023 година или 10,2 милиони евра за шест месеци.
Податоците на Националното биро за осигурување покажуваат дека бизнисот со осигурување од автомобилска одговорност во првата половина од 2024 година пораснал за 6% во споредба со истиот период 2023 година.
Сопствениците на возила во овој период вложиле 43,1 милиони евра во задолжително осигурување од автомобилска одговорност како и во зелена карта за речиси 351.000 возила (патнички и товарни возила, автобуси, мотоцикли, трактори, приколки и специјални возила).
Само за споредба граѓани, компаниите и институциите за цела 2023 година купиле вкупно 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство. Во осигурување од автомобилска одговорност (за возење во земјава и во странство) во 2023 година се вложени 86,7 милиони евра.
Во текот на 2023 година осигурителните компании издале 260.815 зелени карти.
Зелената карта е осигурување кое служи за обесштетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Зелениот картон е еден вид проширување на важноста на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Само на тој начин македонските возачи можат да ги покријат евентуалните штети во меѓународниот сообраќај, на ист начин како да сте во домицилната држава.
Доколку не се поседува ваква карта, штетата ја покриваат целосно и во услови кога не се виновни, оти така е по меѓународните правила.
Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена максимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.
Според податоците на АМСМ ова осигурување може да се обезбеди за еден месец или за една година. Цената за патничко возило до 66 KW на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 KW за една година е 5.536 денари. Цена, пак, за патничко возило до 66 KW за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 KW e 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари. За товарните возила и автобусите цената е 17.222 денари.
Важност на зелената карта е 12 месеци. Картата има важност само во рамки на времетраењето на регистрацијата.
Во најголемиот дел од земјите членки на Европската Унија, сопствениците на автомобили плаќаат единствена премија за осигурување, заедно со зелен картон. Слично е и во регионот, Србија, БиХ, Албанија, Словенија и Грција каде што веќе се споени овие два документа. Оваа идеја е актуелна и во земјава, иако има реакции од возачите кои не патуваат во странство и за нив, како што велат, тоа ќе биде непотребен трошок. Во Закон за задолжително осигурување во сообраќајот е наведено дека единствена премија кај нас ќе се применува кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Поседувањето на зелен картон сега е задолжително при влез на територијата на Македонија, Русија, Белорусија, Украина, Турција, Израел, Иран, Тунис и на Мароко.