Саудиска Арабија и Египет ќе градат мост преку Црвеното Море, а проектот е вреден 4 милијарди долари.
„Мостот на Мојсеј“ ќе го поврзе Рас Ал Шеик Хамид во Саудиска Арабија со познатиот египетски Шарм Ел Шеик, преку островот Тиран.
И покрај фактот дека во 2016 година, египетската страна предложи мостот да се нарече „Мост на кралот Салман бин Абдулазиз“, неофицијалното име „Мостот на Мојсеј“ беше усвоено од јавноста, поради симболичната локација каде што, според легендата, Мојсеј го разделил морето.
Монументалната градба ќе биде долга 32 километри.
Покрај тоа што физички ќе поврзува две клучни арапски држави, мостот ќе стане симбол на стратешка врска, архитектонска моќ и политичка визија.
На саудиската страна, мостот ќе придонесе за спектакуларниот проект за развој на Неом, футуристички град вреден 500 милиони долари, кој е замислен како симбол на дигиталната, енергетската и еколошката револуција во срцето на пустината.
На египетската страна, трасата ќе води до нова административна локација, на 45 километри од Каиро.
Овој трансконтинентален проект е клучна точка од Визијата 2030, амбициозната стратегија на Саудиска Арабија за зголемување на туризмот. Бројот на саудиски туристи во Египет ќе се зголеми од 300.000 на над 1,2 милиони годишно, бидејќи патувањето ќе стане полесно и ќе трае околу 30 минути.
Како што истакна министерот за туризам на Египет, Камел Ел Верир, сè е подготвено за имплементација и се очекува мостот да стане чудо на светското инженерство, кое трајно ќе ги поврзува бреговите на Црвеното Море и двете цивилизации.
Идејата за изградба на овој мост е разгледувана од 1988 година, а сè беше повторно ажурирано во 2016 година.