Самостојно, со сопствени инженери реализираше комплексен зафат на кој се чекаше со децении

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска од името на Градот му се заблагодари на стручниот тим на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за добро завршената работа со монтажата на главниот водоводен приклучок и на игличест затворач-вентил на железарскиот цевковод со профил Ф1600.

„Од името на Град Скопје сакам да истакнам благодарност до тимот на „Водовод и канализација“ кој под раководство на директорот Тони Миновски беше целосно ангажиран и во подготвителната и во изведбената фаза на овој комплексен технички зафат за изведба на главен водоводен приклучок и за монтажа на игличест регулациски вентил, што е потфат кој се прави еднаш на 60 години за подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и за намалување на загубите на вода“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Фото: Град Скопје

Со реализација на овој проект, се додава, се подобруваат хидрауличките услови во водоводната мрежа, со монтирање на игличест регулациски  вентил во ново изведена мерно регулациска  шахта со пропратна хидротехничка опрема.

„Се изврши и поврзување на постоечкиот магистрален цевковод Ф1600 милиметри кај Железара, со постоечкиот магистрален цевковод Ф700 на булеварот Александар Македонски, кој се напојува од градскиот магистрален цевковод Ф1600 преку новопредвидениот магистрален цевковод Ф700мм, кој ќе биде поставен по должината на новопредвидениот булевар Хрватска. Со ваквото поврзување се создадаваат услови за формирање на циркуларен прстен за поврзување на двата магистрални цевководи во градот Скопје“, соопшти Град Скопје.

Во соопштението градските власти ја цитираат и честотката што ја доби тимот на „Водовод“ од Здружението на инженери на Македонија:

„Во време кога мнозинството државни институции и јавни претпријатија во Македонија реализацијата на сензитивни и технички комплексни активности им ги доверуваат на надворешни, најчесто странски компании, ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ направи преседан вреден внимание. Со целосно внатрешни капацитети, сопствен инженерски и технички персонал, успешно реализираше еден од најкомплексните технички зафати во последните децении: монтажата на игличест затворач-вентил на железарскиот цевковод со профил Ф1600. Оваа интервенција воопшто не беше рутинска, туку стануваше збор за високо сензибилна операција, со реални ризици по стабилноста на системот и со потреба од прецизна координација и инженерска решителност и храброст. Тимот на инженери и техничари не само што се соочи со технички ризици, како што се појава на воздушни џебови или потенцијално оштетување на клучните сегменти од мрежата, туку покажа и извонредна организациска зрелост: 70% од времето го насочија во детални подготвителни активности, а 30% во ефикасна и безгрешна изведба, која траеше цели 28 часа непрекината работа“, се вели во честитката од Инженери на Македонија.

Фото: Град Скопје

За разлика од други сектори, каде честопати домашниот инженерски кадар се маргинализира за сметка на „посмели“ надворешни изведувачи, овде сведочиме на спротивен пример – пример на доверба во сопствените сили и знаење, се додава.

„Овој успех не треба да остане незабележан. Тој испраќа јасна порака дека Македонија располага со способни, храбри и стручни инженери и техничари, подготвени да раководат со клучни системи и да изведуваат интервенции од највисоко ниво на сложеност. Техничкиот тим на „Водовод“ покажа што значи одговорност, стручност и посветеност, реализирајќи проект кој директно го зајакнува водоснабдителниот систем на главниот град и обезбедува сигурност за десетици илјади граѓани. Успехот на овој тим не е само интерна победа, тоа е порака и предизвик до сите институции да им веруваат на своите луѓе и да им доверуваат сложеи задачи , бидејќи инженерите знаат да се справат со сите предизвици“, се вели во честитката од Инженери на Република Македонија до тимот на скопското водоводно претпријатие.

Share This Article