Една година по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, јавноста бара јасен и издржан процес. Но, наместо судењето да внесе чувство дека работите се движат кон разрешница, сѐ погласни стануваат предупредувањата дека судскиот процес може да влезе во правен лавиринт ако обвинението не биде преиспитано навреме. Правната и експертската јавност критикуваат дека предметот е поставен премногу широко, со нејасна причинско-последична врска за дел од обвинетите и со ризик од долга и неизвесна постапка.
Најновото силно предупредување дојде на 22 март, кога новинарот на Призма, Васко Маглешов, посочи дека во истиот случај фактички се појавуваат две различни правни теории во рамки на едно обвинителство. Според неговата анализа, основните обвинителства тргнуваат од поставка дека сите инволвирани лица може да одговараат за тешки дела против општата сигурност, додека ОЈО ГОКК кај дел од полициските службеници применува поинаков пристап и раздвојува меѓу тешки дела и злоупотреба на службена положба. Маглешов предупреди дека токму ваквото разидување уште сега бара ревизија, за предметот подоцна да не падне на Апелација и да почне одново.
Официјалните потези на обвинителството дополнително ја отворија оваа дилема. Во соопштение од 30 јануари, ОЈО ГОКК објави дека по истрагата за 27 полициски службеници, обвинителен акт е поднесен против 13 лица за тешки дела против општата сигурност, обвинителни предлози против уште 12 за злоупотреба на службена положба и внесување неточни податоци, додека за седуммина истрагата е запрена бидејќи нивните надлежности не биле во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожарот, а за дел од дејствијата е утврдена и застареност. Токму ова, според критичарите на обвинението, отвора суштинско прашање: ако за едни важи стандардот на директна врска со последицата, тогаш дали истиот стандард треба да се примени и за дел од обвинетите во главниот предмет.
Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ деновиве оцени дека предметот за Кочани е „колатерална штета“ од измените на Кривичниот законик. Во интервју за Радио Слободна Европа тој објаснува дека процесот со 35 обвинети лица и три фирми е последица на овие законски измени, затоа што за дел од обвинетите делата за кои би можеле да ги повикаат на одговорност, се веќе застарени. Токму од тие причини процесот е преголем, лошо конципиран уште од старт и тоа влијае и на правичноста и на динамиката на судењето.
Плусинфо во неколку текстови кои беа објавени изминативе недели нотираше дека истата загриженост ја споделуваат повеќе адвокати, професори и правни коментатори.
Во анализа објавена на 3 март, пренесовме повеќе ставови дека обвинението мора да се темели на индивидуална, а не на „верижна“ или колективно растегната одговорност. Во истиот текст се наведуваат критики од Јанаки Митровски, Владимир Туфегџиќ и Гордан Калајџиев, кои од различни аспекти предупредуваат дека вака поставеното обвинение може тешко да се докажува, да создаде спор за правната конструкција наместо за фактите и на крајот да ги разочара токму семејствата што очекуваат правда.
Според адвокатот Јанаки Митровски за соизвршителство „мора да постои заедничко делување и особен, индивидуален придонес на секој обвинет“, а токму тоа „практично е невозможно да се докаже“ со вака поставено обвинение.
Истата слабост ја нагласува и адвокатот Туфегџиќ, кој според медиумските пишувања поднел и барање за преиспитување и надзор над законитоста на обвинението до надлежните обвинителски инстанци, повикувајќи се на Законот за јавното обвинителство. Според него делот за „верижна одговорност“ е проблематичен и дека за тешки дела против општата сигурност се бара директна причинско-последична врска меѓу непостапувањето и последицата.
Професорот Гордан Калајџиев предупреди дека вакво обвинение „не треба да помине“, бидејќи ќе чини многу, а тоа „е погубно за еден куп семејства“, со цел да го нагласи ризикот дека слаб или преобемен обвинителен акт може да произведе дополнителни разочарувања – токму кај оние што најмногу очекуваат правна разрешница.
Во истата линија се и настапите на адвокатот Петре Шилегов, кого Плусинфо го цитираше и на 2 февруари и на 9 март. Тој побара Обвинителството повторно да ја преиспита основаноста за гонење на дел од обвинетите, оценувајќи дека пораките што доаѓаат од самото обвинителство создаваат контрадикторности во однос на ист настан и исти околности.
Судот, според истиот медиум, одговорил дека не може да ја запре постапката без официјално изјаснување од надлежното обвинителство, додека обвинителот посочил дека одлуките на ОЈО ГОКК сè уште не биле конечни во рамки на тој предмет. Тоа практично значи дека дилемата е отворена, но времето за корекција сè уште не е изгубено.
Официјалниот став на Обвинителството, до пред изборот на новиот обвинител пак, останува дека трагедијата е резултат на пропусти во подолг временски период и на конкретни дејствија на повеќе одговорни лица, поради што и е конструиран широк предмет.
Тука се судираат двете линии: обвинителската намера да опфати цел систем на пропусти, и предупредувањата од дел од експертската јавност дека преобемно и правно нерамномерно обвинение може да го забави, ослаби или дури урне процесот во повисоките инстанци. Затоа, пораката што сега сè почесто се слуша е јасна, ревизија на обвинението не заради спас на некого од одговорност, туку заради спас на самиот процес и заради шанса правдата да стигне побрзо, појасно и поодржливо до крај.
Актуелниот јавен обвинител Ненад Савевски, како судија во Кривичниот суд Скопје, неколку недели пред да биде избран, на гостување во Телевизија 24, за предметот за дискотеката „Пулс“ во Кочани рече дека би сакал да има увид како дошло до кривичните дела кои беа квалификувани на товар на обвинетите.
– Секако би имал непосредна средба со обвинителите кои работеле во текот на истрагата, и сега како застапници на обвинението да добијам една јасна претстава како излезе оваа правна квалификација – рече Савевски на гостувањето во телевизијата на 24 февруари годинава.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
