Соединетите Американски Држави во средата ја блокираа нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен, безусловен и траен прекин на огнот во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, како и за непречена дистрибуција на хуманитарна помош низ целата енклава.
„Ставот на Соединетите Американски Држави е јасен, не можеме да поддржиме никакви мерки освен ако тие не го осудат Хамас и не го повикаат да се разоружа и да ја напушти Газа“, изјави вршителката на должноста амбасадорка на САД во ОН, Дороти Шеа, пред гласањето.
„Оваа резолуција би го охрабрила Хамас и би ги поткопала дипломатските напори за постигнување прекин на огнот што би ја почитувал фактичката состојба на теренот“, рече таа за документот предложен од 10 од вкупно 15-те членки на Советот за безбедност.
Другите 14 земји гласаа за прифаќање на нацрт-резолуцијата, но како една од петте постојани членки на Советот, САД имаат право на вето.
Израел ги отфрли барањата за безусловно и трајно примирје, велејќи дека Хамас не може да остане во Газа. Откако двомесечното примирје заврши во март оваа година, Израел ја продолжи својата воена офанзива во палестинската енклава, барајќи ослободување на заложниците што ги држи Хамас.
Пред гласањето во Советот за безбедност, шефот на хуманитарната помош на ОН, Том Флечер, го повтори својот апел да им се дозволи на агенциите за помош да дистрибуираат помош до жителите на Газа, велејќи дека имаат план, залихи и искуство во слични ситуации.