Генералниот секретар на НАТО Марк Руте го понижи рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, кој навести колапс на НАТО поради новите планови за алијансата за зголемено трошење, пренесе Си-Ен-Ен.
– Лавров е на функција од времето на Исус Христос. И ништо корисно не излегло од неговата уста – истакна Руте.
Рускиот министер Лавров претходно возврати на изјавата на полскиот колега Радослав Сикорски, кој предвиде крај на режимот на Владимир Путин. Според Лавров, трошењето на НАТО на одбрана ќе доведе до саморазорување на Алијансата.
– Катастрофалното зголемување на буџетите може да го забрза колапсот на НАТО – изјави тој.
Но, Руте во интервју за „Фокс Њуз“ го пофали американскиот притисок, посебно од времето на Доналд Трамп, за зголемување на воените трошоци кај европските сојузници.
– Европа значително ги зголеми испораките на оружје, но Украина сè уште има потреба од американска поддршка – нагласи Руте.
Тој изрази разбирање за паузата во некои испораки на оружје од САД поради ниските резерви, но предупреди дека Украина не може сама да се брани. Според него, секој чекор назад би ѝ наштетил и на европската и на американската безбедност.