Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека нападот на Израел врз Катар претставува грубо кршење на меѓународното право и може да доведе до натамошна дестабилизација на Блискиот Исток.
– Ја примивме веста за оваа акција со длабока загриженост. Ја сметаме за грубо кршење на меѓународното право, пред сè на Повелбата на ОН, и како посегнување по суверенитетот и територијалниот интегритет на независна држава. Овој чекор води кон натамошна дестабилизација на ситуацијата на Блискиот Исток – рече Лавров на состанокот на Стратешкиот дијалог на Советот за соработка меѓу Русија и земјите од Заливот.
Лавров оцени дека таквите акции „заслужуваат најостра осуда“ и најави дека на денешниот состанок ќе бидат разгледани заеднички чекори за минимизирање на негативните последици врз регионот.
– Русија ќе биде подготвена да помогне на Советот за соработка на секој можен начин, во рамките на Советот, во рамките на Арапската лига и, колку што разбирам, и во рамките на Организацијата за исламска соработка – додаде Лавров.