Русија не може да биде наградена за агресијата врз Украина, изјави денеска портпарол на Европската комисија, одговарајќи на новинарски прашања за разговорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин.
– Ништо не може да се одлучува за Украина без Украина – истакна портпаролот, додавајќи дека секој праведен и траен мир мора да ги вклучи Киев и ЕУ во преговорите.
Тој нагласи дека потенцијалниот мировен договор мора да ја гарантира територијалната целовитост, суверенитетот и независноста на Украина.
– Лош договор би значел повеќе војна. Нашата задача е да ја поддржиме Украина – рече тој, најавувајќи дека на претстојната Минхенска безбедносна конференција ќе учествуваат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според портпаролот, Европската Унија не била информирана за разговорот меѓу Трамп и Путин и не била консултирана за неговото одржување.