Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Саудиска Арабија во пресрет на утрешните преговори со украинските претставници. Непосредно пред слетувањето, новинарите го прашаа дали Украина може да очекува повторно да добива воена помош од САД, објави Би-Би-Си.
– Мислам дека прашањето за паузата во испраќањето помош е нешто што се надевам дека можеме да го решиме. Очигледно, утрешните разговори ќе бидат клучни во тој поглед – изјави Рубио.
Во однос на договорот за минералите и ретките земни елементи, Рубио истакна дека претседателот Доналд Трамп сака тоа прашање „да биде затворено“, но додаде дека „не мора да се случи утре“.
Тој објасни дека американската делегација ќе биде во „режим на слушање“ и дека очекува да добие „генерална слика“ за тоа на какви отстапки е подготвена Украина.
– Нема да има прекин на огнот и крај на оваа војна доколку двете страни не направат отстапки – рече Рубио, додавајќи дека САД исто така ќе се обидат да утврдат каква е руската позиција.
– Тоа ќе ни даде прилично добра проценка за тоа колку сме оддалечени од договор – додаде тој.
Американскиот државен секретар, во објава на Икс истакна и дека обновата на воената помош за Украина ќе зависи од резултатите на средбата во Саудиска Арабија.
– Ако резултатите од состанокот бидат задоволителни за САД, воената помош за Украина може да продолжи – вели Рубио.