Израел го прифати предлогот на пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, за привремен прекин на огнот во Појасот Газа за време на Рамазан и Пасха, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху само неколку часа по истекот на првата фаза од претходно договорениот прекин на борбените дејствија.
Првиот ден, според планот предложен од Виткоф, ќе бидат ослободени половина од заложниците држени во Газа, како живи, така и мртви. Останатите заложници ќе бидат ослободени откако ќе се договори траен прекин на огнот, соопшти канцеларијата.
Виткоф предложи продолжување на сегашниот прекин на огнот откако сфати дека е потребно повеќе време за да се преговара за траен прекин на огнот, додаде канцеларијата.
Вчера, портпаролот на палестинската група Хамас, Хазем Касем, изјави дека ја отфрла израелската „формулација“ за продолжување на првата фаза од примирјето во Газа, но не го спомна експлицитно планот на Виткоф.
Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека Израел веднаш ќе започне преговори за планот на Виткоф доколку Хамас го прифати.
Американскиот државен секретар Марко Рубио соопшти дека потпишал декларација за забрзување на доставувањето воена помош од околу четири милијарди долари за Израел.
– Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која ја презеде функцијата на 20 јануари, одобри воени продажби на Израел во вредност од речиси 12 милијарди долари – рече Рубио и додаде дека „ќе продолжи да ги користи сите достапни инструменти за да ја исполни долгогодишната посветеност на Америка кон безбедноста на Израел, вклучително и средства за спротивставување на безбедносните закани“.
Рубио рече дека користел итни овластувања за да ја забрза испораката на воена помош за неговиот блискоисточен сојузник, кој сега се наоѓа во кревко примирје со милитантите од палестинската група Хамас во нивната војна во Појасот Газа.