Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот на Трамп, Илон Маск се судрија со министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, велејќи му дека треба да биде тивок и благодарен што Русија не е на границите на Полска, објави Вашингтон тајмс.
Во објавата на Икс, повикувајќи на мирно решавање на војната во Украина, Маск изјави дека неговиот систем „Старлинк“ е рбетот на украинската војска.
Старлинг, кој обезбедува интернет конекција преку сателитите на Спејс Икс, е од клучно значење за украинските воени операции, а Маск тврди дека украинската линија на фронтот би колабирала без неговата технологија.
„Буквално го предизвикав Путин на физичка пресметка еден на еден околу Украина, а мојот систем ‘Старлинк’ е столбот на украинската војска. Целата нивна линија на фронтот ќе колабира ако го исклучам“, напиша тој на неговата социјална платформа Икс.
Министерот за надворешни работи на Полска одговори на тврдењата на Маск со објава на Икс, истакнувајќи дека полското Министерство за дигитализација плаќа околу 50 милиони долари за пристап на Украина до „Старлинк“ и дека Полска може да одлучи да ги насочи тие средства на друго место.
„Оставајќи ја настрана етиката за заканување на жртвата на агресија, доколку Спејс Икс се покаже како несигурен давател на услуги, ќе бидеме принудени да бараме други добавувачи“, напиша Сикорски.
Рубио веднаш застана во одбрана на Маск, обвинувајќи го Сикорски за фабрикување факти.
„Никој не се закануваше дека ќе го прекине ‘Старлинк’ за Украина. И кажете благодарам, бидејќи без ‘Старлинк’ Украина одамна ќе ја изгубеше оваа војна и Русите сега ќе беа на границата со Полска“, напиша Рубио.
И Маск му одговори на Сикорски.
„Нема замена за ‘Старлинк’… Биди мирен, мало човече. Плаќаш само мал дел од трошоците“, напиша Маск во својата објава.