Рокот за поднесување даночна пријава – ДДВ-04 и за плаќање даночeн долг се поместува до понеделник (27 октомври), поради скратената работна недела, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).
„Законскиот рок за поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавите е 25 октомври (сабота), а бидејќи е неработен ден, истиот се поместува за првиот нареден работен ден – понеделник, 27 октомври 2025 година“, се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека во овој период се поднесуваат месечни и тримесечни ДДВ-04 пријави и апелираат даночните обврзници обврските да ги исполнат навремено и да не го чекаат последниот ден од законски утврдениот рок, со цел да се избегне преоптоварување на системот и можни технички пречки во последен момент.
– Важно е да се напомене дека поднесувањето на пријавата без истовремено плаќање на долгот не ги исполнува законските обврски. Само со целосно точно и навремено поднесување на пријавата и плаќање на обврските, се избегнуваат дополнителни камати, санкции и непотребен стрес – велат од УЈП.