Соединетите Американски Држави одбиваат да коспонзорираат нацрт-резолуција на Обединетите нации (ОН) по повод три години од руската инвазија на Украина, која го поддржува територијалниот интегритет на Киев и ја осудува руската агресија, изјавија три дипломатски извори за Ројтерс.
Според нивната проценка, ова може да претставува пресврт за најмоќниот западен сојузник на Украина.
Овој потег го одразува растечкиот јаз меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, кој бара брз крај на војната во Украина и чии помошници разговараа со Русија без учество на Киев.
Нацрт-резолуцијата, која ја виде Ројтерс, ја осудува руската агресија и ја повторува нејзината посветеност на „суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.
Соединетите Американски Држави беа коспонзори на речиси сите резолуции на ОН за поддршка на Украина против Русија.
Не е јасно кога истекува рокот за поддршка на нацрт-резолуцијата, а постои можност Вашингтон да ја промени својата одлука.
Гласањето во ОН, кое се смета за клучен показател за глобална поддршка за Украина во време кога администрацијата на Трамп се чини поблиску до позицијата на Русија, може да се одржи без поддршка од САД, но ќе има помали шанси за широка поддршка во Генералното собрание.
Друг дипломатски извор, кој побара да остане анонимен, изјави за Ројтерс дека засега ситуацијата е таква што САД нема да потпишат, додавајќи дека во тек се напори да се обезбеди поддршка од други земји.