По 6 години застој се спроведува вештачки мрест на охридска пастрмка, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
– За таа цел минатата година се склучија договори со Хидробиолошкиот завод од Охрид и со Институтот за сточарство и рибарство од Скопје, за изведување вештачки мрест и порибување. Денешната активност е со цел излов на матици и собирање на икра при што двете институции согласно обврските од договорот треба да соберат 1.050.000 зрна икра од кои ќе се одгледа подмладок за порибување – додаде министерот.
Оваа активност е многу значајна за зачувување на охридската пастрмка како едно од нашите национални богатства и за екосистемот на езерото.
Тој изрази жалење што изминатите години немаше вештачки мрест на Охридското Езеро, за што ја обвини претходната власт.
–Тоа придонесе за дополнително уништување на рибниот фонд на овој загрозен вид риба. Затоа ние ќе продолжиме сега со засилено темпо за да го одржиме рибниот фонд во Езерото -додаде Трипуновски.