Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека новиот Закон за енергетика е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, со што по предвидениот рок од денот на објавувањето и официјално започнува неговата примена.
Овој системски, реформски и европски усогласен закон беше изгласан во Собранието со силна поддршка, претставувајќи нов темел на енергетската политика во земјата – закон со кој темелно се регулира овој сектор и кој нуди визија за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина.
„Новиот Закон за енергетика е резултат на посветената работа на домашни експерти од Министерството. Донесен преку инклузивен процес што ги вклучи сите релевантни чинители – институции, експерти, оператори, бизнис-секторот, регулаторното тело и граѓански организации. Со имплементацијата на новиот закон, Македонија добива јасна и стабилна рамка за: значајно зголемување на уделот на обновливи извори во финалната потрошувачка, повисока енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен пазар и активно учество на граѓаните како производители и потрошувачи на енергија, заштита на ранливите категории и намалување на енергетската сиромаштија и предвидлив амбиент за домашни и странски инвестиции во нови енергетски капацитети“, соопшти Министерството.
Законот доби поддршка и од Секретаријатот на енергетската заедница, што е силна потврда за посветеноста на земјава кон европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ.
Официјалната примена на законот претставува почеток на конкретни активности за дигитализација, модернизација и зелена трансформација на енергетскиот сектор, во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.