Одложено дејство на уставни измени е рационален аргумент којшто би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира, а Европската Унија да го менаџира тој процес до конечната цел, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието Антонио Милошоски, пред денешната презентација на резултатите од анкетата на јавното мислење за евроинтеграцијата на земјава.
Според Милошоски, отпорот кај граѓаните кон уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ, како и појавата на евроскептицизам, се должи на тоа што во самата ЕУ постои неизвесност и Унијата нема стратегија за проширување.
– Македонија досега неколку пати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека таквите уставни измени ќе ја приближат Македонија кон преговорите за членство или кон самото членство. Но, очигледно е дека не ги исполни своите ветувања и би било наивно да се прават уставни измени, за да ни се случи уште едно неисполнето ветување – изјави Милошоски.
Според него, најавите од премиерот Христијан Мицкоски за барање гаранции од Вашингтон, Брисел и од Софија е „рационална позиција за Македонија“.
– Не е само како ќе се започне процесот на преговори, туку многу е битно завршувањето и целта на тој процес. Преземената обврска од претходната влада, доколку има можност да се менаџира, би било рационално истата да се менаџира со предвидливост на патот до конечната цел, а тоа се европските интеграции. Бидејќи, како што гледаме, во Македонија постои реално оправдана разочараност од односот на ЕУ. Имавме веќе еднаш уставни измени за името, каде што земјите членки на ЕУ ветуваа дека Македонија ќе ѝ се отворат портите кон ЕУ, за следната година да имаме блокада од Франција, а година потоа да имаме блокада од Бугарија. Сметам дека ваквите лоши искуства се доволно силни аргументи Македонија, со право, да побара одредена извесност за патот кон ЕУ. Бидејќи гледаме дека ЕУ не говори со еден глас, нема сериозна визија за Западниот Балкан и за времетраењето на зачленувањето и проширувањето со овие држави – рече Милошоски.
Прашан за изјавата на еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во Минхен, дека мора да се зајакне процесот на проширување, Милошоски одговори дека „Европската Унија во последните 10 години нема сериозна визија за проширувањето на ЕУ“.
– Гледам дека тоа стана една фраза која често се повторува, а на дело немаме сериозни геополитички одлуки што би значело проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Ако ја гледате нејзината изјава внимателно, таа спомна дека би можеле една, две или три членки да бидат завршени со преговорите, но не спомна дека тие земји би можеле да станат полноправни членки на ЕУ. Тоа е индикатор дека во самата ЕУ нема консензус за тоа дали, кога и до кое ниво ќе се случи следното проширување и дали воопшто ќе има нови полноправни членки со свој комесар, со свои европратеници и со свое право на вето – рече Милошоски.