Озлогласениот рапер Шон Диди Комбс наводно бил нападнат во затвор, според неговиот долгогодишен пријател Чарлучи Фини кој изјавил за Дејли Меил дека Диди „се разбудил со нож на грлото“ во ќелија во притворниот центар Метрополитен.
– Не знам дали се борел или дали дошле стражарите. Само знам дека се случило – вели Фини, кој го познава Диди повеќе од 30 години. Тој не откри кога се случил наводниот инцидент, но рече дека верува оти „застрашувачкиот напад“ бил повеќе наменет како закана отколку како вистински обид да му се наштети на Комбс.
– Доколку тој човек сакаше да го повреди, Шон ќе беше повреден. Му требаше само секунда да му го пресече грлото со нож и да го убие. Веројатно тоа беше неговиот начин да каже: Следниот пат нема да имаш толку среќа! Сето тоа е заплашување. Но, со Шон нема да функционира. Шон е од Харлем – додаде Чарлучи.
Фини го нарече својот пријател „неуништлив“ и „сакан старател, татко, брат и најдобар пријател“.
– Сигурен сум дека ќе направи сè што е потребно за да продолжи да биде Шон Комбс кога ќе излезе – рече тој.
Диди е во истиот затвор од септември 2024 година, кога беше уапсен под сомнение за рекетирање, трговија со луѓе и проституција. Неговото судење започна во мај оваа година, а во јули беше обвинет за две обвиненија за транспорт со цел проституција. Тој беше осуден на четири години и два месеци затвор.
Комбс, исто така, мора да учествува во програми за ментално здравје и зависност и мора да плати 500.000 долари отштета на судот.
Раперот веќе некое време се обидува да го убеди судијата да го префрли од озлогласениот затвор во друг, помалку строг затвор. Во барањата доставени до судијата, адвокатите на Диди тврдат дека неговиот престој во затворот во Бруклин е неподнослив и дека тој се плаши за сопствената безбедност. Тие побарале тој да го отслужи остатокот од казната во FCI Fort Dix во Њу Џерси.
FCI Fort Dix е затвор од отворен тип, познат по своите терапевтски и образовни програми. Се наоѓа во рамките на воздухопловната база Мекгваер и се наоѓа во комплекс што наликува на универзитетски кампус. Тоа е еден од најголемите затвори од отворен тип во Соединетите Американски Држави, со околу 4.000 затвореници.
– Учеството во програми за лекување на зависности, образовни и работни активности би му обезбедило стабилност и структура за рехабилитација – рекол неговиот адвокат Тени Герагос.
Но, неговите шанси да биде префрлен се мали, според федералниот затворски консултант Сем Менгел. Тој рекол дека Диди не е добар кандидат за програмите што ги споменал неговиот правен тим.
– Луѓето со пресуди за сексуални злосторства не се подобни за овие програми. Добро е познато дека секој што е означен како ризик за јавната безбедност не е подобен за такво сместување – рече тој.




























