Екипата на РК Алкалоид ги почна подготовките за новата сезона. Ракометарите фаќаат ритам на тренирање во Автокоманда, има осум нови играчи кои му се приклучија на тимот, а впечатоците од актуелниот состав и очекувањата за следната сезона ги сподели тренерот Кирил Лазаров.
– Целата стратегија, поставеноста на клубот е од година во година да се прави чекор напред. Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме во истиот македонски концепт, во ростерот ќе имаме 23 играчи, од кои 21 ќе бидат македонски. Одлучивме да продолжиме по истиот пат, да даваме шанса на македонските играчи и да се биде поконкурентен како во Македонија, така и во европски рамки. Задоволен сум од тоа што во преодниот рок успеавме да донесеме нови играчи, во ростерот имаме осум нови имиња, потребно ќе ни биде време да се воиграме, затоа и малку порано стартуваме од сите останати суперлигаши – изјави Лазаров.
Алкалоид ги почна подготовките во Скопје, следната недела оди во Маврово, па следува турнеја во Србија, Хрватска и во Словенија каде се предвидени осум пријателски натпревари.
Посакува неговиот тим да ја подобри реализацијата во македонското првенство.
– Во едно европско полуфинале ние даваме над 40 гола, а во македонско првенство се игра многу поспоро и не можеме да ја минеме границата од 25 гола. Тука би требало да се поправиме – смета Лазаров.
За квалификациите во Европската лига на ЕХФ и средбити со Хановер, тренерот Лазаров фаворитската улога ја препушти на бундеслигашот.
– Како клуб одлучивме да излеземе од комфорната зона и да играме во Европската лига, по оној освоен ЕХФ Куп во кој има силни противници, тоа може да се види по листата и оваа година. Сакаме да одиме чекор понапред, прифативме ризик. Имавме малку незгодна ждрепка, добивме бундеслигаш. Успеав по ждрепката да изгледам неколку мечеви и увидов зошто во текот на Бундеслигата во поголемиот дел беа на првото место. Се работи за систем со екстра-квалитетен тренер, бивш селектор на репрезентацијата на Германија, на секое зошто има затоа. Ривалот е фаворит, но ние ќе се бориме и нема да се предадеме – потенцира Лазаров.