Железничката пруга Куманово – Бељаковце, дел од Коридорот 8, денеска беше пуштена во употреба. Пругата е со должина од 30,8 километри и вклучува три нови железнички станици, шест стојалишта, пет мостови, еден тунел и многу други инфраструктурни објекти.
Премиерот Христијан Мицкоски, на настанот по повод пуштање во употреба на пругата, изјави дека Коридорот 8 претставува подеднакво значаен и стратешки проект заедно со Коридорот 10.
– Овие два коридори се главен приоритет за оваа влада, бидејќи како држава претставуваме приодна раскрсница на овие два коридори и ова треба да претставува наша предност во споредба со другите држави во регионот – рече премиерот.
Тој додаде дека наскоро ќе се заврши и втората секција, како и тендерската процедура од третата секција.
– Јас сум убеден дека наскоро ќе се заврши и втората секција во рокот кој што е предвиден во договорот. Многу скоро ќе заврши тендерската процедура од третата секција со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед, а со тоа ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор не само за ЕУ, туку и за НАТО – додаде премиерот.
Свое обраќање имаше и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– Прекрасен ден да ја отвориме пругата од Куманово до Бељаковце, 31 километар кој се надевам дека ќе значат нов економски развој и напредок за целиот овој регион. Овој е еден од регионите кој што најмногу треба да ги развиваме во државата и регион кој дефинитивно заслужува поголем економски напредок. Како што кажа директорот на Железници Инфраструктура, беше голем предизвик да се заврши проектот навреме и еве проектот е завршен навреме. Завршувањето покажува не само посветеност и одговорност, туку дека во Македонија можат да се реализираат и големи инфраструктууни проекти и оваа е само поттик да се продолжи понатаму и за втортата фаза, а секако и за реализација и за третата фаза за која што ќе ни треба заеднички договор со соседна Бугарија.
Тој додаде: ова е за да се поврземе со Софија, а не за да се одврземе.
Користењето на оваа пруга, порача министерот, ќе значи многу на локалното население, ќе значи многу и за бизнисот, инсистираме карго сообраќајот да се развива и веќе зборувавме за одредени делови на карго сообраќајот на оваа пруга за да може полесно да се равива бизнисот.
– Би сакал лично да се заблагодарам на премиерот за подршката, не е мала работа три големи проекти да отворите за две недели. Да се заблагодарам на сите кои работеа на пругата, на изведувачот, на надзорот и сакам да споделам добра вест за граѓаните на Куманово. Тие знаат, но другите граѓани не знаат. Иако Куманово и Скопје се близу и се поврзани со железница помеѓу двата града сега нема воз. За две до три недели од денеска, со подршка на ЈП Железница Транспорт почнуваме редовна линија Скопје – Куманово која во одредени денови во неделата ќе доаѓа и до тука до Бељаковце. Нека е со среќа, аирлија и за убави работи да се гледаме – истакна вицепремиерот Николоски.