Познатиот холивудски актер Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава се пронајдени мртви во нивниот дом, а нивното семејство верува дека причината е труење со јаглерод моноксид.
Ќерката на легендарниот актер, Елизабет Џин Хекман, изјавила дека не се сигурни, но сметаат дека причината била отровните гасови.
Таа додала дека органите на редот не пронашле знаци на насилна смрт, иако шерифот на округот Санта Фе, Адан Мендоза, вели дека неговите заменици сè уште ништо не исклучиле и дека истрагата сè уште е во тек.
Тие исто така напоменале дека куќата е мошне модерна и дека е изградена во 2000 година. Не се знае дали имало проблем со истекување на гас или пак, имало претходни повици до итната помош на таа адреса.
Мендоза изјавил дека кога, замениците на шерифот во средата извршиле проверка и ги пронашле телата на двојката, на лице место изглегле и припадниците на гасната компанија и противпожарната служба за да се уверат дека нема отровни испарувања што би ја загрозиле безбедноста на истражителитево текот на прегледот на куќата.
Џин и Бетси се пронајдени мртви во нивниот дом во средата, заедно со едно од нивните кучиња, кое исто така било мртво, откако сосед повикал полиција.
Хекман со своите филмски улоги остави неизбришлива трага во светската кинематографија. Легендарниот актер е и двократен оскаровец.
Џин Хекман и неговата 30 години помлада сопруга Бетси живееја далеку од очите на јавноста во последните 20 години, а во 2004 година тој одлучи да се повлече од актерството.