Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го опиша зајакнувањето на кинеските одбранбени капацитети како „зачудувачко“.
Тој го изјави ова за време на неговата посета на Јапонија, која започна денеска и има за цел да го прошири влијанието на Алијансата во азиско-пацифичкиот регион.
– Да не бидеме наивни во однос на Кина. Јакнењето на нејзините вооружени сили, нејзините инвестиции во одбранбената индустрија и во нејзините одбранбени способности се зачудувачки – рече Руте во интервјуто објавено во весникот Јапан тајмс.
Американскиот претседател Доналд Трамп сака американските сојузници во азиско-пацифичкиот регион да ги зајакнат сопствените воени капацитети за да се спротивстават на Кина и да ја одвратат Северна Кореја.
– САД сè повеќе инсистираат НАТО да биде повеќе вклучен (во регионот). Не во смисла на член 5, туку во смисла на ширење влијание, на взаемна поддршка во рамките на НАТО – рече Руте.
Членот 5 од Повелбата на НАТО гласи дека една земја членка доколку биде нападната, другите ќе го сметаат тоа за напад на сите сојузници и ќе и помогнат.
Руте денеска ќе ја посети поморската база Јокосука, јужно од Токио, а утре ќе се сретне со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба и со високи јапонски претставници.
Во последниве години, НАТО се обиде да ги зајакне своите врски со Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд со поканување на нивните лидери да присуствуваат на самитите на НАТО.
– Треба да ги надминеме заедничките декларации… ајде да направиме нешто конкретно – рече Руте, кој стана генерален секретар на НАТО во октомври.