Чешката полиција приведе 22 лица и изврши 46 претреси во рамки на истрага за корупција во најголемата болница во земјата, поврзана со проневера на 160 милиони евра од фондовите на Европската Унија, соопштија денеска властите.
Обвиненијата за корупција, злоупотреба на субвенции, нанесување штета на финансиските интереси на ЕУ и перење пари се поднесени против 16 лица, соопштија Европското јавно обвинителство (ЕППО) и чешката полиција. Осомничените незаконски стекнале финансиска добивка преку манипулирање со тендерите за јавни набавки во Универзитетската болница Мотол во Прага.
Повеќе од 350 полицајци извршија претреси во болницата, компании и адвокатски канцеларии. Полицијата потврди дека истрагата за оваа група започнала уште во 2023 година.
„Доколку бидат прогласени за виновни, главните осомничени би можеле да добијат затворски казни до 12 години“, соопшти полицијата.
Чешка е подобро рангирана од повеќето земји во Централна Европа според индексот на Транспаренси интернешнл, но организацијата предупредува на недостиг на транспарентност во јавните набавки.
Во посебен случај, ЕППО пред една година водеше истрага за јавни набавки на медицински материјали за болниците, што доведе до апсење на десет лица.