Рускиот патнички авион Ан-24, кој летал на релацијата Хабаровск-Благовешченск-Тинда, исчезнал утрово во Амурската област, потврдиле службите за итни случаи, пренесува РИА. Руската служба за спасување, пребарувајќи од воздух, ги забележала остатоците од авионот, поточно запалениот труп на авионот.
Министерството за вонредни ситуации објави дека хеликоптерска единица го открила трупот на авионот во пламен.
„Спасувачите продолжуваат со пребарувањето и пристапот кон теренот“, се вели во соопштението.
Локалната служба за итни случаи истакнува дека авионот е пронајден на планинска падина, на 15 километри од Тинда.
Областа е тешко достапна и „се претпоставува дека нема преживеани“.
„Екипажот на авионот ја изгубил комуникацијата со контролната кула неколку километри пред аеродромот Тинда“, објаснила службата за итни случаи Тинда.
Авионот припаѓа на Ангара ерлајнс и превезувал 49 лица, вклучувајќи шест членови на екипажот и пет деца, пренесува ТАСС.
Според првичните извештаи, авионот немал пријавени технички проблеми пред да се изгуби контактот, објавува Ројтерс.
„Времето во областа каде што исчезна авионот беше лошо, па затоа слетувањето беше одложено. Обвинителството започна истрага, а Истражниот комитет отвори кривична постапка за кршење на безбедносните прописи“, се вели во соопштението на руското Министерство за вонредни ситуации.
Амурскиот регион се граничи со Кина, на далечниот исток од Русија.