Причината за смртта на папата Франциск е мозочен удар, соопшти вечерва Ватикан.
Како што се наведува, по ударот папата паднал во кома, а потоа доживеал срцев удар по кој немало спас.
Папата Франциск (88) почина утрово во 7.35 часот по локално време, објави Ватикан.
Погребот на папата Фрањо, според нормите на Апостолскиот Устав (Universi Dominici Gregis), треба да се изврши меѓу четвртиот и шестиот ден по неговата смрт, што значи меѓу петок, 25 април и недела, 27 април, имајќи предвид дека обредот на потврдување на смртта ќе се одржи дури вечерва во 20 часот.
Одлуката за датумот на погревот треба да се донесе на првата Конгрегација на кардиналите.
Затоа, најверојатно погребот ќе се одржи во сабота на 26 април, објави агенцијата Анса.
Папата Франциск во својот последен тестамент потврдил дека сака да биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, а не во базиликата Свети Петар во Ватикан, каде што е последното почивалиште на многу негови претходници.
Во тестаментот што го објави Ватикан, Франциск јасно ја изрази желбата да биде погребан „во земја, без посебни украси“, а над неговиот гроб треба да стои едноставна плоча со неговото папско име на латински јазик: Franciscus.
Папата исто така навел дека договорил неименуван добротвор да ги покрие трошоците за неговиот погреб. „Трошоците за подготовка на погребот ќе бидат покриени од износот што го обезбеди добротвор, а за кој договорив да биде префрлен во базиликата Санта Марија Маџоре“, стои во тестаментот.
Следува целиот текст на тестаментот на Папата:
„Бидејќи чувствувам дека се приближува самракот на мојот земски живот и со цврста надеж во вечниот живот, сакам да ги изнесам моите последни желби исклучиво во поглед на местото на мојот погреб. За време на целиот мој живот, како и за време на мојата свештеничка и бискупска служба, секогаш сум се доверувал на Мајката на Господарот наш, Блажената Дева Марија. Затоа молам моите посмртни останки да почиваат – исчекувајќи го денот на Воскресението – во Папската базилика Санта Марија Маџоре.“
Сакам моето последно земско патување да заврши токму во ова древно маријанско светилиште, каде што секогаш доаѓав да се молам на почетокот и на крајот на секое апостолско патување, доверливо доверувајќи ги моите намери на Безгрешната Мајка и заблагодарувајќи ѝ се за нејзината нежна и мајчинска грижа.
Молам мојот гроб да биде подготвен во гробна ниша во страничната лаѓа, меѓу Паулинската капела (капелата Salus Populi Romani) и Сфорцината капела во базиликата, како што е прикажано на приложениот план“.
Гробот треба да биде во земја; едноставен, без посебни украси, со натпис: Franciscus.
Трошокот за подготовка на погребот ќе биде покриен од износот што го обезбеди добротвор, а за кој договорив да биде префрлен во Папската базилика Санта Марија Маџоре. Ги дадов потребните упатства на кардиналот Роландас Макрицкас.
Нека Господ великодушно ги награди сите оние кои ме сакаа и кои продолжуваат да се молат за мене. Страдањето што го одбележа завршниот период од мојот живот го принесувам на Господ за мир во светот и за братство меѓу народите.“