Претседателот на САД Доналд Трамп, призна дека ќе биде тешко за Републиканската партија да ја задржи контролата врз двата дома на Конгресот по меѓуизборите закажани за есента 2026 година.
– Ќе видиме како ќе оди. Треба да победиме, но статистички ќе биде многу тешко да се победи. Ќе се обидеме да направиме сѐ што можеме – изјави тој во интервју за „Волстрит Џурнал“.
Трамп изјави дека обезбедил повеќемилијардски инвестиции за САД, но не знае „кога тие пари ќе се реализираат“.
– Ја создадов најголемата економија во историјата, но веројатно ќе треба време луѓето тоа да го сфатат – додаде американскиот лидер.
Среднорочните избори за Конгресот на САД ќе се одржат на 3 ноември 2026 година. Целиот Претставнички дом (435 члена) и една третина од сенаторите (33 члена) се кандидираат за реизбор. Двата дома во моментов се под контрола на републиканците.



























