Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, има цел да го поедностави пазарот на капитал во Европската Унија, за да ја намали фрагментацијата и да ја поттикне конкурентноста, дури и ако не се согласуваат сите 27 членки.
– Тука во Европа, немаме само 27 различни финансиски системи, секој со свој супервизор. Туку имаме и повеќе од 300 места за тргување низ нашата Унија. Тоа е фрагментација на стероиди. Потребен ни е еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал – им порача денеска Фон дер Лајен на пратениците во ЕУ во Стразбур.
Наспроти тоа, Соединетите Американски Држави имаат еден финансиски систем, еден пазар на капитал и неколку други финансиски центри, додаде таа.
Европската комисија предложи насочување на националните правила, за да се создаде таканаречена унија за штедење и инвестиции. Сепак, хармонизирањето на финансиските правила во Европа се покажа како тешко во минатото.
Фон дер Лајен ги повика пратениците да постигнат брз напредок и нагласи дека е подготвена да продолжи со законодавството дури и ако не се подготвени сите земји од ЕУ да ги скратат своите национални правила.
– На нашите компании им треба капитал токму сега. Затоа, ајде да го завршиме ова годинава. Мораме да напредуваме, на еден или на друг начин, за да ги урнеме бариерите што нè спречуваат да бидеме вистински глобален гигант – додаде Фон дер Лајен.
Говорот на претседателката на Европската комисија доаѓа пред серија настани фокусирани на подобрување на европската конкурентност, вклучувајќи го индустрискиот самит во белгискиот град Антверпен и утрешниот собир на лидерите на ЕУ.



