Предлогот за замена на Илире Даути треба да дојде од Европскиот фронт

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Комисијата за социјална политика, демографија и млади и натаму е без претседател, откако Илире Даути од Европски фронт поднесе по изгласаната интерпелација против неа. Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека тој нема ингеренции да предложи претседател на собраниската комисија, затоа што тие предлози се резултат на договор помеѓу пратеничките групи. Нов претседател на Комисијата за социјална политика треба да даде Европскиот фронт.

Доколку Европскиот фронт не предложи претседател на Комисијата за социјална политика, како што најави, спикерот Гаши ќе предлага пратеници кои ќе ја свикуваат и ќе ја водат седницата на собраниската комисија во моментите кога ќе треба да се разгледува закон од нејзина надленост.

Гаши рече дека нема да води сметка пратеникот што ќе го одбере да биде од редовите на Европскиот фронт, затоа што, како што објасни, ним им припаѓа претседателското место во Комисијата, а штом не сакаат да го пополнат и да ги водат седниците, нема потреба тој да назначува пратеници од таа коалиција.

– Во врска со Комисијата за социјална политика, демографија и млади, јас ве упатувам на Деловникот, на членовите 126 и 114 кои ги решаваат овие ситуации кога нема претседател на Комисија. Во тие околности претседателот ќе утврди, ќе повика пратеник да ги свика седниците – рече Гаши.

Ако Европскиот фронт не предложи претседател на Комисијата на местото на  Даути, тогаш тоа прашање се решава само преку Комисијата за прашањата на изборите и именувањата, додава Гаши.

– Предлозите доаѓаат од пратеничките групи. Претседателот на Собранието нема право сам да предлага претседател на собраниска комисија до Комисијата за изборите и именувањата. Јас немам ингеренции да одредувам претседател, туку имам право да одредам пратеник да ги води седниците – рече Гаши.

Пратеничката на „Европскиот фронт“ и претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути на 16 јануари поднесе оставка од функцијата откако на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 против беше изгласана интерпелација против неа. Интерпелацијата во ноември ја поднесе пратеничката група од „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи донесувањето на измените на Законот за бранителите, поднесен од опозициската СДСМ, со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата со која претседава.

Share This Article