Грција е една од омилените летни дестинации на Македонците. Поради оваа причина, важно е однапред да ги дознаете најважните вести, но и да се потсетите на постоечките прописи и правила.
Во оваа земја од 1 април стапија на сила таканаречените мирни часови, карактеристични за летната сезона (трае до 30 септември). Целта е да се заштити мирот на жителите во топлите месеци, пренесува Параполитика.
Попладневен и ноќен мир
Според полициската наредба, број 3/1996, гореспоменатите „тивки часови“ ги вклучуваат следните периоди:
– Попладневен мир: од 15 до 17:30 часот;
– Ноќен мир: од 23 до 07 часот.
Што е забрането?
Значи, се работи за куќен ред, како што го нарекуваме во Македонија, кога властите строго ги забрануваат следните активности:
– Работа или други активности кои предизвикуваат бучава. Исклучок се итни случаи, со посебна локална дозвола, особено за комунална работа;
– Свирење на инструменти, пуштање ТВ и радио програми со голема јачина, викање, бучно танцување и кој било друг настан што може да ги вознемири жителите во населените места;
– Пеење, викање и свирење на инструменти на јавни места, како што се улици, плоштади и транспортни средства;
– Правење врева во кафулиња, места за забава или други јавни центри, како и интензивни дискусии меѓу гостите;
– Гласни дискусии на станиците за јавен превоз, утовар и истовар на стока и бучни мотори на возила на постојка;
– Употреба на сирени или други звучни безбедносни системи без опасност, вклучително и нивното тестирање.
Важна мерка
Прекршувањето на прописите повлекува тешки казни, како затвор до пет месеци или алтернативно висока парична казна, пренесува Параполитика.
„Тивките часови“ се сметаат за важна мерка во Грција за да се обезбеди квалитетен живот на граѓаните, особено во летните месеци, кога активностите на отворено се зголемуваат и прозорците често се оставаат отворени.