Правосудните органи се во интензивна комуникација со надлежните институции од соседните земји, со што е направен значителен напредок во лоцирањето на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е во бегство.
Како што истакна заменик-министерот за правда Ален Деребан во изјава за Глас на Америка, очекувањата се Груби во брзо време да биде приведен, по што ќе бидат преземени сите неопходни мерки за неговата екстрадиција во Македонија.
– Во постојана комуникација сме со Министерствата за правда од соседните држави и очекуваме истиот во најскоро време да биде лоциран и уапсен, со што ќе се овозможи негово испорачување во Македонија и соочување со правдата – изјави Деребан.
Иако по распишувањето на меѓународната потерница сè уште нема официјална потврда за точната локација на Груби, властите уверуваат дека потрагата е во завршна фаза. Очекувањата се дека координацијата со регионалните служби за спроведување на законот наскоро ќе резултира со негово апсење.
Останува нејасно дали бегалецот се наоѓа во некоја од соседните држави или е во движење, но според информациите од надлежните институции, активностите за негово пронаоѓање и екстрадиција се во завршна фаза.