По средбата со Володимир Зеленски, специјалниот пратеник на САД за Украина, Кит Келог, го оцени украинскиот претседател сосема поинаку од Доналд Трамп. Во објава на мрежата Х, тој го нарече Зеленски борбен и храбар лидер со талентиран тим за национална безбедност.
Американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, денеска ги опиша разговорите во Киев, каде што во четвртокот се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како позитивни, а Зеленски го опиша како храбар лидер.
„Широки и позитивни дискусии со Зеленски, борбен и храбар лидер на нација во војна, и неговиот талентиран тим за национална безбедност“, напиша Келог, кој Трамп го назначи за специјален пратеник за Русија и Украина, по разговорите во Киев на социјалната мрежа Х.
Неговата порака е во спротивност со изјавите дадени од Трамп во последните денови за Зеленски. Тој го нарече украинскиот претседател диктатор и го обвини Киев за војната во Украина.
Келог и Зеленски не дадоа јавни изјави по нивната средба во Киев во четвртокот. Според медиумите, заедничката прес-конференција е откажана на барање на Вашингтон. Во изјавата објавена по разговорите, Зеленски повика на силни односи меѓу Киев и Вашингтон, а средбата со Келог ја опиша како плодна. Во редовното видео обраќање во текот на ноќта, тој рече дека средбата со Келог вратила одредена надеж, при што и двајцата се согласиле за потребата од сигурни безбедносни гаранции за да се спречи повторување на војната.
Вашингтон е клучен финансиски и воен поддржувач на Украина, но Трамп многу ги вознемири Киев и неговите европски сојузници откако ги заобиколи и иницира разговори со Русија за ставање крај на војната во Украина. Во Киев и европските престолнини стравуваат дека војната ќе заврши под услови кои би го наградиле само рускиот претседател Владимир Путин. Трамп, исто така, во средата рече дека Русија има предност во преговорите за ставање крај на војната бидејќи контролира дел од украинската територија.