Легендарниот хрватски играч од средниот ред Лука Модриќ е на прагот на нова авантура во својата богата кариера – по 13 години во дресот на Реал Мадрид, искусниот фудбалер се сели во редовите на Милан.
Се очекува Модриќ да слета во италијанската фудбалска престолнина во понеделник, каде што ќе ги помине лекарските прегледи и ќе потпише едногодишен договор со можност за продолжување за уште една сезона.
По формалностите, се очекува да направи кратка пауза, а тренерот Масимилијано Алегри, кој неодамна ја презеде клупата на Милан, смета на него од почетокот на август.
Тренерот на „росонерите“ не го криеше своето задоволство:
„Тој е неверојатен играч. Го чекаме“, рече Алегри на прес-конференција.
Игли Таре, спортскиот директор на Милан, го сподели својот ентузијазам за доаѓањето на Модриќ, кој истакна:
„Првото нешто што нè праша беше – дали ќе ја освоиме титулата? Тој е голем навивач на Милан, но сака да игра клучна улога. Ни треба тој победнички менталитет.“
Модриќ со тоа ќе стане седмиот играч во историјата на Милан што ја освоил Златната топка во својата кариера, придружувајќи им се на великани како Паоло Роси, Жан-Пјер Папен, Роберто Баџо, Ривалдо, Роналдо и Роналдињо.
Модриќ ќе го носи дресот на „росонерите“ со бројот „14“.
Доаѓањето на 39-годишниот играч од средниот ред на „Сан Сиро“ предизвика голем интерес кај навивачите на Милан, кои се надеваат дека искуството и лидерството на Модриќ ќе му помогнат на клубот во борбата за Скудетото и европските предизвици.