Пожарот кај скопско Блаце уште не е целосно под контрола, а активни се два краци на чие гаснење се работи, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Тој вели дека кај едниот крак е веќе спречено ширење на пламените јазици.
– Рано утрово по 5 часот почнавме со гасење на пожарот на отворен простор кој вчера попладне, 6 јули, изби кај патот на Блаце. Пожарот делумно зафати и шума. Скопската противпожарна бригада утрово започна со гаснење, како помош се придружија два полициски и 1 армиски хеликоптер, за првпат 1 пинсгавер и еден хермелин со поголема цистерна на ДЗС. Поголем број пожарникари се на терен. Пожарот е ставен под делумна контрола. За жал, имаме уште два активни краци. Едниот предмалку успеавме да го ставиме под контрола благодарение на полицискиот хеликоптер.
Од Центарот информираат и дека на утрово се активни 4 пожари. Покрај овој во Општина Чучер Сандево активни пожари има и кај прилепското село Бешиште , потоа во општина Македонски Брод: кај селото Црешнево и под Солунска глава во општина Чашка.