Повеќе основни училишта во Куманово попладнево добиле дојави за наводно поставени експлозивни направи, потврдија од Општина Куманово. Полицијата веднаш реагирала, а сите ученици биле безбедно евакуирани од зградите.
– Дојавата за бомба е испратена по електронски пат, нешто после 17 часот. Од училиштата повикале полиција која мошне бргу пристигнала, учениците безбедно се евакуирани. Останува на службите да ја проверат состојбата – изјави раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Александар Јовановиќ.
Во моментов, полициски екипи го проверуваат секое од училиштата од кои пристигнала дојавата, а се очекува МВР да излезе со повеќе информации по завршување на увидот.



























