Повеќе од 30 лица, 29 ученици и тројца наставници, се повредени во училиште во југозападна Германија, откако во училиштето бил испуштен иритирачки гас, соопшти локалната полиција. Инцидентот се случи денеска околу 11:30 часот во Алберт Швајцер Шуле (Albert‑Schweitzer‑Schule) во градот Шпизен-Елверсберг (Spiesen‑Elversberg), кој се наоѓа близу француската граница, југозападно од Франкфурт.
Во моментот на инцидентот во зградата се наоѓале приближно 170 лица. Повеќето од повредените претрпеле иритации на респираторниот тракт и очите. Некои биле префрлени во болница за понатамошна медицинска помош, додека други биле третирани на лице место. Училиштето веднаш било евакуирано, а полицијата започнала истрага за дело „опасно телесно повредување“ . Сторителот сè уште се бара и засега е непознат.
Точниот вид на испуштениот гас сè уште не е утврден, но германските медиуми наведуваат дека станува збор за Рајцгас (Reizgas) — иритирачко средство, можеби Пеферспрај (Pfefferspray) или Це-ес-гас (CS‑Gas). Рајцгасот предизвикува иритација на очите, кожата и респираторниот тракт, но не се смета за боев отров. Најчесто се користи за самозащита, контрола на толпа или обезбедување на јавен ред. За разлика од боевите отроови, Рајц-гасот, не е смртоносен.
Локалните медиуми пренесуваат дека службите за итна помош реагирале брзо, а градот и училиштето соопштиле дека се преземаат сите мерки за заштита на учениците и персоналот. Инцидентот предизвика засилено внимание кај родителите и јавноста, бидејќи слични настани, со испуштање на иритирачки гас се ретки во училишта во Германија.



























